Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж побара вчера од словенечките компании да испратат јасен сигнал до Загреб и да им укажат на властите во Хрватска дека состојбата на граничниот премин Бајаково никому не му е од корист и предупреди дека компаниите од регионот можат да ја тужат хрватската Влада поради претрпените штети.
Чадеж најави можност компаниите од регионот да поднесат колективна тужба против хрватската Влада поради претрпената штета.
– Моменталната ситуација на границата никому не му е од корист, ниту на Србија, ниту на Хрватска, Словенија, Австрија, Грција, на никого…Нема логично објаснување зошто тоа се прави, рече Чадеж.
Во Стопанската комора на Србија е формиран посебен тим и кол центар, на кој можат да се обратат компаниите, кои претрпеле штета.
Чадеж најави за в четврток разговори со претставници на стопанските комори на Германија, Австрија и ЕУ, со цел да се обидат дополнително да извршат притисок протокот на стока непречено да се одвива.