Коалиционите партнер на Јанез Јанша се оградија од содржината на писмото, кое Влада го испрати до Советот на Европа како одговор на критиките за притисок врз медиумите и новинарите, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Во писмото меѓу другото се тврди дека поголемиот дел од медиумите во Словенија потекнуваат од комунистичкиот режим.
Први од коалициските партнери кои реагираа беа од Партијата на пензионерите (ДеСуС), од каде истакнаа дека тие се за целосна слобода на медиумите и го осудуваат секој притисок врз новинарите. Од партијата кажаа дека не биле воопшто запознаени дека писмо со таква содржина ќе биде испратено до Советот на Европа.
И Партијата на модерниот центар (СМЦ) кое е дел од Владата на Јанша, ја информираше јавноста дека целосно се дистанцираат од писмото и содржината на истото.
Од Левица, пак, го повикаа министерот за надворешни работи Анже Логар веднаш да си поднесе оставка поради како што велат од партијата, дискредитација на словенечките новинари во странство.
Инаку, во писмото на Владата пишуваат дека „во моменти кога другите медиуми се борат да преживеат и отпуштаат новинари, само во последните десет години во Телевизија Словенија се вработени 400 луѓе.
„Голем ден од медиумите во Словенија потекнуваат од некогашниот комунистички режим. До доцните 90 години, членови на поранешната тајна служба УДБА работеа во медиумите, а до 2004 години државната Телевизија Словенија беше под водство на комунистички структури” – се наведува во писмото.
Писмото е одговор на мартовската објава на Платформата на Советот на Европа за промоција на заштитата на новинарите. Тие реагираа на ставовите на премиерот Јанез Јанша објавени на социјалните мрежи, каде тој напиша дека државната Телевизија Словенија лаже и додаде дека таму има премногу вработени и премногу добро платени луѓе.
Од Телевизија Словенија уште тогаш реагираа на пишувањата на Јанша, кои ги оценија како закана и мешање во нивната работа.