За посетителите од земјите за кои е дозволен влез на Кипар, од сабота се воведува и задолжителен тридневен карантин, како и ПЦР тест направен 72 часа по пристигнувањето, што ќе биде на трошок на патниците, јави дописничката на МИА од Атина.
Одлуката денеска ја донесе кипарската Влада со цел зајакнување на мерките на аеродромите и се однесува на патниците од земјите вклучени во првата и втората категорија.
Во првата се земји со ниска опасност, односно Австралија, Нов Зеланд, Сингапур и Тајланд и за нив не е потребен тест пред пристигнувањето.
Во втората група се Германија, Грција, Финска, Исланд, Норвешка, Јапонија, Кина, Јужна Кореа и Руанда и за нив е задолжителен негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето.
И за двете групи, од 6 февруари задолжителна е тридневна самоизлација и дополнителен ПЦР тест.
За посетителите од Велика Британија, во сила се мерките од 21 декември 2020 година, односно државен седумдневен карантин, тест по пристигнувањето и на седмиот ден од влезот на Кипар.
Од воведувањето на овие мерки, биле тестирани над 15.000 патници од Велика Британија и потврдени 133 позитивни слуачи на Ковид-19.