Извршната директорка на Европол, Кетрин де Бол, која е во посета на Бугарија, беше примена од преодниот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Дерменџиев, а одржа серија средби со раководителите на битни структури во бугарското Министерство за внатрешни работи, јави дописникот на МИА од Софија.
Таа на брифингот со министерот Дерменџиев кажа дека Бугарија отсекогаш била доверлив партнер во Европол.
-Има одлична соработка меѓу Европол и Бугарија, како на стратешко, така и на оперативно ниво, рече Де Бол и информираше дека во последните пет години има трикратно зголемување на размената на информации меѓу бугарските служби и Европол.
Соработката доведе до многу успеси во борбата против илегалната трговија со мигранти преку бугарска територија, трговијата со луѓе, шверцот и производството на цигари, фалсификувањето пари и шверцот на друга стока, додаде таа.
Во 2021 година, посочи директорката на Европол, соработката за размена на аналитички информации е подобрена, што доведе до спроведување во Бугарија на доста успешни операции против организираниот криминал, вклучувајќи печатење на висококвалитетни фалсификувани евро валута.
-Сите бугарски полициски дронови се над нејзината граница со Турција за да помогнат за брзо да се стигне до илегалните мигранти, рече министерот Демерџиев.
Целта на беспилотните летала е да ги дисциплинираат граничарите кои шетаат околу оградата, за да не се впуштаат и учествуваат во шеми за илегална трговија, додаде бугарскиот министер.
Во моментов во Бугарија е во тек полициска акција против лица кои се знае дека се вклучени во трговија со мигранти. Тоа се главно странци, со кои и Европол има директна врска, посочи Демерџиев.
Според него, смртта на двајцата бугарски полицајци во Бургас и превозот на 47 мигранти со автобус покажале колку брзо се менуваат шемите на организиран криминал за нивно пренесување низ територијата на земјите.
Де Бол најави дека посетата на Бугарија е и дел од турнејата на менаџерскиот тим на Европол во повеќе европски метрополи.
-Целта е да се дознаеме од земјите-членки каква е нивната оценка за соработката со Европол и за подобрата соработка и борба против организираниот криминал, тероризмот во Европа и борбата против илегалните мигрантски текови од Украина и Блискиот Исток, рече таа.
Извор: МИА