Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, незадоволен од реакциите на властите на Србија на ослободувањето на лидерот на српските радикали Воислав Шешељ, го откажа своето учество на претстојниот состанок на премиери на земјите од Централна и Источна Европа со Кина, пишува загрепскиот весник „Јутарњи лист“.
Весникот, повикувајќи се на неофицијални извори истакна дека наместо Милановиќ во Белград ќе допатува министерот за поморство, сообраќај и инфраструктура, Синиша Хајдаш Дончиќ, „чиј престој во Србија нема да има никаков политички призвук“.
– Милановиќ во блиска иднина нема да се состане со премиерот на Србија, Александар Вучиќ, изјави за весникот анонимен висок претставник на хрватската Влада.
Тоа значи, додава „Јутарњи лист“ дека Милановиќ посредно ја отфрла идејата на претставикот на Србите во Хрватска, Милорад Пуповац, кој гоставувајќи во телевизиска емисија предложи средба на Милановиќ и Вучиќ, на која двајцата лидери се обиделе да ги намалат сегашните меѓудржавни тензии.
Хрватските власти сметаат дека Вучиќ и српските лидери не реагирале адекватно на Шешељ и се додека тоа не го сторат средбата на високо ниво не би имала преголемо значење, додава весникот.