Претседателот на српската опозициска „Народна странка“ Вук Јеремиќ, тврди дека претседателот Александар Вучиќ ги забрзува преговорите за разграничувањето и дека договорот меѓу него и косовскиот претседател Хашим Тачи треба да биде објавен во првите четири месеци од 2019 година.
– Разграничувањето значи дека од онаа страна на границата ќе останат 90 отсто од територијата на автономната покраина Косово и уште делови од јужна Србија или она што Албанците го нарекуваат Прешевска долина, изјави Јеремиќ на Главниот одбор на својата партија во Белград, по повод годишнината од работатата.
Тој оцени дека Косово ќе стане полноправна членка на ОН, како Србија денес и дека нема да има ниту една пречка во меѓународното право да се обедини со Албанија.
– Кога говорам за Голема Албанија, не говорам на памет, додаде Јеремиќ.
Тој предупреди дека Србија би можела да се соочи со нови територијални барања доколку се согласи, денес во мир, да „ги прецрта своите граници“. Вучиќ за ова е свесен, но неговата визија за Србија е проколната авлија, смета Јеремиќ, кој за својот политички конкурент рече дека е во кавга со „моралот и со разумот.“
Тој оцени дека состојбата во Србија е се полоша и дека 70.000 работноспособни граѓани годишно ја напуштаат земјата, бидејќи ја имаат загубено секоја надеж.