Луѓе од кризниот штаб во Смедеревска Паланка, во понеделник однеле десетина четиринаесетгодишни момчиња волонтери, да собираат лешеви од кокошки, пилиња и кучиња во поплавената населба Долен град, пренесе „Блиц“.
Весникот повикувајќи се на изјавите на Ненад Војчевски, тренер на Атлетскиот клуб „Јасеница“, пишува дека четворица припадници на кризниот штаб никому не рекле каде ги носат децата и зошто.
-Никого за тоа не го информираа, дури ниту на директорката на училиштето не и рекле зошто им се потребни децата, кои сами се пријавиле, а на кои никој не им кажал што треба да работат. Ги однеле во Долен град и им рекле да собираат мртви животни. Децата се исплашиле, ништо не смееле да кажат. Кога слушнав реагиравме и тогашниот шеф на волонтерите Сакиќ, кој ги однел децата, веднаш е сменет. Ги известивме претседателот на општината и началникот на полицијата, вели Војчевски.
Како што пренесе „Блиц“ информацијата ја потврдила и директорката на Основното училиште „Херој Радмила Шишковиќ“, додека претседателот на општината Радослав Милојчиќ негирал дека навистина се случило такво нешто.
Е. Г.