Инфлацијата во Хрватска највисока во последните 14 години

Од:

Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка мерени со индексот на потрошувачките цени во Хрватска во март се зголемија во просек за 7,3 отсто во споредба со истиот месец минатата година, што е највисока инфлација од 2008 година, соопшти Централното биро за статистика.

Споредбено со февруари потрошувачките цени во Хрватска се во просек повисоки за 2,1 отсто, а во првиот квартал од годинава, во однос на истиот период лани, цените се во просек повисоки за 6,4 отсто, пренесува Хина.

Цените на прехранбените производи, во кои се вклучени безалкохолните пијалаци, а кои сочинуваат четвртина од потрошувачката кошничка, пораснаа за 10,3 отсто на годишно ниво и имале најголем придонес во годишната стапка на раст на индексот (+ 2,8 процентни поени).

Цените на транспортот првенствено поради цените на горивата, очекувано пораснале за 14,4 отсто, што придонело за поскапување од 2,12 процентни поени, додека цените на режиските трошоци за домување како водата, струјата, гасот и другите горива пораснале за 0,64 процентни поени или со годишен раст од 3,8 отсто.

Во однос на февруари најмногу поскапеле облеката и обувките во просек за 12,2 отсто, транспортот за 5,3 отсто, а услугите во рестораните и хотелите за 1,8 отсто.

„Со претходно присутните инфлациски притисоци генерирани од растот на цените на енергијата и храната, во сегашното опкружување на геополитички конфликти и екстремна неизвесност за времетраењето и исходот, инфлаторните притисоци сега стануваат се посилни. Иако Владата презеде одредени мерки поради поскапувањето на енергенсите за ублажување на влијанието врз потрошувачите, неизбежно е прелеаното влијание од цените на енергијата и храната од светските пазари“, велат аналитичарите на „Рајфајзен“ банката.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Тешка сообраќајка во Сплит, повредени се пет деца

Хрватите следната недела ќе ги бојкотираат банките и телекомуникациските компании

Доставувач на Волт врши нужда во ходникот на зграда во Хрватска

Предраг Петровиќ

85 училишта во Хрватска добија исламистички закани, во истрагата се вклучи и Европол

Конечна пресуда: Иво Санадер не е воен профитер

Евакуација на училишта во Хрватска, добиле закани за бомби