Помина точно еден месец од исчезнувањето на Матеј Периш во Белград. Тој исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември. Излегол од клубот Готик, трчал низ белградските улици, се обидел да запре такси, а потоа, како што може да се види на снимката од надзорната камера на ресторанот Саванова, се спушта по скалите кон реката Сава. Но, не се гледа дека влегол во вода.
Таткото на исчезнатиот Хрват, Ненад не губи надеж, иако ништо досега не навестува дека Матеј е жив. Но, нема докази ниту дека се удавил. Потрагата продолжува деноноќно, а хрватската полиција повторно пристигнува во Белград.
Според Телеграф.рс, полицајците на хрватското МВР денеска ќе се сретнат со српските колеги. Припадниците на српското МВР ќе им ги покажат резултатите од досегашната работа за пронаоѓање на сплиќанецот, а на средбата ќе присуствува и таткото на Матеј Периш, Ненад, кој од 2 јануари е во Белград.
Како што изјави Ненад за српски Телеграф минатиот викенд, хрватското МВР го информирало за нивното доаѓање во Србија. Телефонски не му соопштиле нови детали, но тој се уште има трошка надеж дека ќе се најде трага од Матеј на Големиот воен остров, кој во моментов е доста недостапен поради делови потопени во вода. Островот веќе двапати бил пребаруван.
Пристигнувањето на хрватската полиција во Белград е второ од почетокот на потрагата. По враќањето во Загреб, хрватската полиција одржа прес-конференција на која соопшти дека е исклучено насилството, дека пријателите на Матеј не се осомничени и дека „нема полицаец што ќе каже дека тој сигурно влегол во водата“, иако „има работи кои укажуваат на тоа“. Најавија и повторно испрашување на пријателите на Матеј, што подоцна се случи, но не донесе значителни резултати, информираат хрватските медиуми.
Истиот ден српската полиција ја објави деталната рута на движењето на Матеј Периш по излегувањето од клубот, која ја реконструирала со помош на снимки од надзорните камери. Српската полиција соопшти дека позициите на објектот што е снимен во реката Сава и за кој е тешко да се идентификува дали се работи за човек се совпаѓаат со сигналот даден од мобилниот телефон на Матеј.