Изминатата ноќ и денеска претпладне Хрватска беше зафатена од поројни дождови и грмотевици, а во повеќе населби беа поплавени приземја, подвозници, улици и патишта, пренесе Танјуг.
Во главниот град Загреб лошото време предизвика проблеми во движењето по поплавените улици, а некои трамвајски линии беа во прекин заради стебла од дрвја што паднале на шините.
Спасувачките екипи ја испумпуваат водата од сутерените на поплавените згради, ги чистат затнатите одводни канали и ги отстрануваат паднатите гранки.
Освен во Загреб поројни дождови до 50 литра на квадратен метар паѓаа и по јадранското крајбрежје, а до крајот на денот се очекува врнежите да ја зафатат целата територија на Хрватска.