Заборавениот супертаен воен проект „Нептун“ од времето на Јосип Броз Тито, кој бил направен за управување на ракетниот систем на поранешна ЈНА и чија мрежа се протега од Бриони се до Бока Которска, хрватската Влада ќе го искористи за обединување на комуникациската мрежа во јавните претпријатија, пишува загребскиот весник „Јутарњи лист“.
Проектот, како што се наведува, ќе овозможи широка примена на интернет и инфраструктура на оптичка мрежа, која нема да биде само во сопственост на телекомуникациските компании, туку и на државата.
Мрежата ќе биде изградена врз основа на постоечките околу 3.000 километри, кои се во сопственост на ЈАНАФ (Јадранскиот нафтовод), ХАЦ (Хрватски патишта), Хрватските железници и Плинакроа, а се наоѓа низ трасите на автопатишта, нафтоводи, гасоводи, железнички пруги… Со тоа целосно ќе биде покриен копнениот дел на Хрватска.
За поврзување на брегот и островскиот дел на Хрватска би се искористиле каблите кои од 1974 до 1990 година под нивото на морето ги постави поранешната ЈНА.
Станува збор за супертајниот проект „Нептун“, кој е изграден за управување со ракетните системи и централизирање на комуникацијата. За проектот се знае многу малку, бидејќи голем дел од документацијата е уништен. Меѓутоа, се смета дека инсталациите се во многу добра состојба.