Синоќа пратениците во хрватскиот Сабор и изгласаа доверба на новата Влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан. Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Пред Собранието беше претставена четиригодишната Програма на новата Влада која најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
Пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто до крајот на мандатот на новата влада, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра. Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели. Новата влада на Хрватска ја формираа Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и Татковинското движење (ДП), со поддршка на некои пратеници од малцинските партии, но без Независната демократска српска партија (СДСС), што беше експресно барање на ДП.
Премиерот Пленковиќ по гласањето во Владата изјави дека очекува „тешка кохабитација“ со претседателот на државата Зоран Милановиќ бидејќи „начинот на кој го прекрши Уставот не може да остане без последици“.
Пленковиќ оцени дека поради ангажманот на Милановиќ во кампањата, парламентарните избори биле на работ на регуларност. На прашањето дали жали што СДСС повеќе не е дел од владејачкото мнозинство, со оглед на тоа што ги пофали како коректни и лојални партнери во изминатите два мандата, рече дека „околностите биле такви“.
Тој потсети и дека Милорад Пуповац беше воздржан при гласањето за владата и го оцени како исправно. Пленковиќ најави дека во понеделник ќе се одржи првата седница на новата Влада.