Република Хрватска упати барање до Фондот за солидарност на Европската унија со цел добивање финансиска помош за санирање на штетите од катастрофалните поплави во мај во повеќе жупании во земјата, соопшти хрватското Министерство за економија.
Во барањето се наведува дека вкупните директни штети од поплавите изнесуваат 297,6 милиони евра, а за Фондот за солидарност на ЕУ прифатлив и оправдан трошок за Хрватска изнесува 108,8 милиони евра.
Овој Фонд е основан со цел со неговите средства да се одговори на природните катастрофи од големи размери и да се изрази солидарност со регионите во Европа погодени од катастрофи. Фондот настана како реакција на големите поплави во централна Европа во летото 2002 година.
Средствата од Фондот од тогаш се користеле за 56 различни природни катастрофи, вклучувајќи поплави, пожари, земјотреси, бури и суша.