Грција нема намера да ја признае независноста на Косово, иако минатата недела беше воздржана при гласањето за прием во Советот на Европа, изјави вчера советникот на грчкиот премиер за национална безбедност, Танос Докос.
Советот на Европа, организација која ги промовира човековите права, во понеделникот му даде зелено светло на Косово да се приклучи бидејќи 33 негови земји-членки беа за, седум против и пет воздржани. Многумина беа изненадени што Грција, една од петте земји на ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово, се воздржа.
„Мислевме дека е добро за спроведување на владеењето на правото и за смирување на тензиите меѓу двете страни“, рече Докос на економскиот форум во грчкиот град Делфи.
Тој подоцна додаде дека Србија, како дел од договорот за нормализација на односите, ветила дека нема да го блокира членството на Косово во меѓународните организации. Атина се осврна на тоа во својата одлука.
„Ние сè уште не сме го признале Косово, ниту ќе го сториме тоа. Се обидуваме да бидеме конструктивни колку што можеме“, рече Докос.
Советот на Европа ја усвои одлуката за прием на Косово една недела пред новата рунда преговори меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел. Средбата закажана за 2 мај е особено важна бидејќи на неа ќе биде претставен нацрт-статусот на општините на северот на Косово со мнозинско население Срби, што со месеци беше пречка во нормализацијата на односите.
Курти учествуваше на економскиот форум во Делфи, но никој од српската влада не дојде.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во понеделникот за новинската агенција Танјуг изјави дека е разочаран од односот на Грција. Ова и е пренесено на владата на премиерот Киријакос Мицотакис, кој се очекува да има парламентарни избори на 21 мај.
„Се надевам дека нашите српски пријатели ќе се сетат дека со години ги поддржуваме во тоа“, рече Докос.
Грција го поддржува проширувањето на Европската унија во југоисточните земји кандидати – Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија – и не се спротивстави на одлуката Косоварите со своите пасоши да можат да патуваат во Европската унија без визи.
Имаме тежок амбиент од сите страни и затоа ни е важно да го завршиме процесот на проширување или барем да го задржиме духот на состанокот во Солун од пред 20 години“, рече Докос. Грција со години има затегнати односи со соседна Турција поради граничниот спор и поделеноста
Кипар и која е причината за непризнавањето на Косово.
За време на грчкото претседавање со ЕУ во 2003 година, се одржа средба меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, на која за првпат во декларација беше споменато дека иднината на овие земји е во ЕУ. Оттогаш само Хрватска стана членка.