Со 153 гласа „за“, 140 „против“ и еден воздржан Парламентот на Грција, синоќа, по речиси 11 часовна расправа, го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО, јави дописничката на МИА од Атина.
Вкупно гласаа 294 пратеници, а освен сите 145 членови на СИРИЗА, односно целата пратеничка група, „за“ гласаа и осумте пратеници кои го поддржаа и Договорот од Преспа:
-Претседателот на Демократска левица, Танасис Теохраопулос, кој беше избришан од коалицијата Демократска алијанса, сега независен пратеник;
-Спирос Данелис кој беше избришан од Река, сега независен пратеник;
-Ставрос Теодоракис, Јоргос Мавротас и Спирос Ликудис од Река кои по распадот на пратеничката група официјално се независни пратеници;
-Елена Кундура, министерката за туризам, поранешна членка на Независни Грци, сега независна пратеничка;
-Катерина Папакоста, заменик министерка за цивилна заштита, сега независна пратеничка;
-Танасис Папахристопулос, пратеник од Независни Грци.
Со прозивање, сите 300 пратеници требаше да кажат дали гласаат „за“, „против“ или „воздржано“.
На гласањето му претходеа обраќања на пратениците и лидерите на политичките партии.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија, Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, во неговиот говор, повторно се осврна на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, за кои рече дека владата ги признала за соседите, истакна дека правно се обврзани „да ги нарекуваме соседите, Македонци “.
„Јас никогаш нема да кажам добредојде за Македонецот премиер на земјата. Очекувам вие да го кажете тоа, господине Ципрас. И очекувам господинот Апостолакис, да ѝ посака добредојде во Грција на македонската војска кога ќе имаат заеднички вежби со грчката војска. Ова го имате потпишано“, рече Мицотакис и уште еднаш го повтори неговиот став дека Нова демократија нема да го напушти правото за вето за интеграција во Европската унија.
Грчкиот премиер, Алексис Ципрас одговори на дел од прашањата што ги постави лидерот на опозициската Нова демократија. Се осврна и на најавите на Мицотакис дека тие ќе го искористат правото на вето на патот на нашата земја кон ЕУ, објасни дека тоа е алатка што се однесува на секоја земја и секоја земја на ЕУ има право на оваа алатка. Но, она што е посуштинско, како што рече Ципрас, е дали Нова демократија ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
„Навистина вие сметате дека земјата треба да има цел да ја спречи европската перспектива на Северна Македонија?“ го праша Ципрас, лидерот на Нова демократија и прашањето го постави и во однос на останатите земји од регионот.
„Можеби има интерес земјата од влијание на трети сили во нашето соседство со други аспирации и стремежи во регионот на Балканот?“ , продолжи Ципрас.
Во однос на членството во НАТО и она што денес беше точка на дневен ред, грчкиот премиер рече дека тоа е „избор и суверено право на соседната земја, народот и владата“, а не е одлука на Грција. И во однос на ова, Ципрас го праша Мицотакис зошто е против.
Тој, на крајот од неговиот говор уште еднаш „ѝ посака добредојде на Северна Македонија, пријателска земја која треба да биде поддршка, а не противник во напорите за безбедност, стабилност, и соработка во поширокиот регион.
Расправата во парламентот ја одбележаа и препукувањата на, до неодамна, коалиционите партнери во грчката влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос, јави дописничката на МИА од Атина.
Лидерот на Независни Грци, кој сам од парламентарната говорница рече дека неговата партија ќе остане без пратеничка група му се обрати на премиерот велејќи му дека тие решиле да ги замолчат.
„Сакам да знаете дека нашата егзекуција не значи многу работи, очигледно за вас не значи апсолутно ништо, покажавте дека сте многу ладнокрвен егзекутор, но егзекуцијата на Македонија значи многу. Егзекуцијата на Македонија која не беше вклучена во нашата владина програма, за нас значи многу повеќе,“ рече Каменос.
Грчкиот премиер во продолжение зеде збор за да му одговори на Каменос.
„Ќе ми бидете благодарен што навреме го сфатив вашиот политички план да ја турнете владата што ја поддржувавте четири години пред едно национално прашање. И ќе ми бидете благодарен што не дозволив, што спречив во историјата да се запишете како еден нов АНдонис Самарас. И мислам дека ќе ми биде благодарен и голем дел од грчкиот народ и левичари и десничари бидејќи храбро, смело, решително продолжив напред за да решам едно прашање во корист на националниот интерес во корист на татковината“, порача Ципрас, пренесе МИА.
Како што и беше најавувано и очекувано, пратеникот од Независни Грци, Танасис Папахристопулос, кој гласаше и за ратификацијата на договорот и за ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, најпрво со одлука на Панос Каменос беше избришан од пратеничката група на Независни Грци, а потоа и самиот ја достави неговата оставка и отстапувањето на пратеничкото место.
Расправата за „Ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Република Северна Македонија“, се водеше во иста линија како и на дискусијата за ратификација на Договорот од Преспа, членовите на опозициските партии ги изнесоа нивните аргументи зошто се против, додека пак од владејачката СИРИЗА и независните пратеници што го поддржаа и договорот и протоколот говореа зошто тие сметаат дека тоа е во интерес на Грција.