Речиси сите грчки медиуми објавија дека Унгарија ја призна Република Македонија под уставното име, јави дописникот на МИА од Атина.
Медиумите, без коментари, ја пренесуваат изјавата на портпаролот на унгарското Министерство за надворешни работи Габор Калета кој изјавил дека „Унгарија сега ја признава Македонија како Република Македонија во билатералните односи“. Според него, унгарската Влада наскоро детално ќе ја образложи својата одлука.
Гласилата во Атина исто така пренесуваат дека македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски му испратил писмо на шефот на унгарската дипломатија Јанош Мартоњи, во кое ја поздравува најновата одлука на Унгарија и нагласува дека Македонија високо ја цени отворената и гласна поддршка што Будимпешта и ја дава на нашата земја од осамостојувањето.