Изгледите за решавање на кипарското прашање остануваат живи, вели генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Неформална копија на извештајот на Гутереш за ова прашање беше дистрибуирана синоќа до членовите на Советот за безбедност, пишува кипарскиот весник „Филелефтерос“.
Увереноста на Гутереш се базира на информацијата, која ја добил од специјалниот пратеник Џејн Лут и неговите контакти со лидерите на кипарските Грци и кипарските Турци, Никос Анастасиадис и Мустафа Акинџи.
Потсетувајќи со загриженост на отсуство на дијалог и несигурните перспективи, извештајот ги истакнува зголемените контакти меѓу двете заедници на островот во последно време, а особено, значителното зголемување на бројот на кипарски Грци, кои ги посетиле северните региони на Кипар од јануари до август годинава во споредба со истиот период минатата година.
Во врска со процесот на преговори, во својот извештај, Гутереш посочува дека побарал од Џејн Лут да разбере дали по периодот на размислување по разговорите во Кран Монтана во 2017 година, двете страни се подготвени да вложат напори да постигнат стабилно решение за кипарското прашање. Во исто време, генералниот секретар на ОН коментира дека очекувањата на јавноста во двете заедници, по последната рунда разговори, се воздржани.