Фирма од американската „црна листа“ имала зделки во БиХ

Од:

Хрватско-германската компанија „Цилиндер Систем“ која се наоѓа на американската „црна листа“ на приватни компании, затоа што имала аранжмани со иранската Влада, одржувала деловни врски и работела и со фирми во Босна и Херцеговина, пишуваат сараевските медиуми.

Оваа фирма е правен наследник на некогашната компанија „Ѓуро Ѓаковиќ-безшавни садови“ која прогласила стечај уште во 2006 година. Тогаш оваа хрватска фирма била купена од фирмата „Камани-безшавни садови“, но само една година подоцна, новите сопственици ја продале на германската компанија „Рејко Гмбх“.

Компанијата „Цилиндер Систем“ што е 100 отсто сопственост на „Рејко“ а во која директор е Иранецот Монен Мохар, кој 30 години живее во Хрватска, се обвинува дека тргувајќи тајно со Иран, помагала за избегнување на меѓународните санкции, што им се наметнати на властите во Техеран, поради контроверзната иранска нуклеарна програма.

Медиумите во Сараево пишуваат дека оваа зделка покажува дека Иран има „силни врски“ во БиХ со домашниот бизнис.

Весниците тврдат дека најдобри врски со иранските власти веке со години на ред има босанско-херцеговската Партија за демократска акција СДА, а посебно некои нејзини високи функционери.

Сараевските весници ја обвинуваат СДА дека правејќи опструкции, властите на БиХ дури неодамна одлучија да прифатат „делумно спроведување“ на меѓународните рестриктивни мерки против Иран, што ги има донесено Советот за безбедност на ОН.

На „црната листа“ на САД се наоѓаат 36 компании од Германија, Јужна Африка и Обединетите Арапски Емирати. Фирмата од Славонски Брод која произведува садови под притисок и друга слична опрема, има склучено зделки со фирми од БиХ, но засега не се знае какви биле аранжманите, кои се зделките со иранските компании, ниту која локална фирма била во тоа вклучена.

Директорот на „Цилиндер Систем“ Мохар за весниците во Сараево демантира дека фирмата работи со Иран. Тој признава дека во 2009 година една иранска компанија се интересирала за вентилите што ги произведува оваа хрватско-германска фирма, но инсистира дека договор за продавање никогаш не бил склучен.

Би можело да ве интересира

Во БиХ е пронајдено девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе

Земјотрес во БиХ, епицентарот во околината на Мостар: „Добро се стресе!“

Извлечени тела на жена и дете од коритото на Миљацка во Сараево

Горан Наумовски

Брисел и даде „зелено светло“ на БиХ за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ

Горан Наумовски

По Црна Гора, земјотресот ја погоди и Босна и Херцеговина

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина