Мисијата на Европската унија за вледеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, ја оцени ситуацијта во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, како загрижувачка и напната и повика на воздржаност од инволвираните страни, јави дописникот на МИА од Приштина.
На единаесеттиот ден од блокадата на патиштата во тој дел на Косово во правец на граничните премини кон Србија, Јариње и Брњак, единиците на полицијата на ЕУЛЕКС, кои во таа област патролираат во координација со КФОР, регистрирале, како што наведуваат, „загрижувачко прису ство на вооружени лица“.
– При нашите патролирања на терен сведоци сме на загрижувачко присуство на вооружени лица, често од маскирани индивидуи и групи, во северно Косово. Ова е неприфатливо. Сведоци сме на поставување нови барикади, кои мора да се отсранат веднаш. Тие се незаконити и ја попречуваат слободата на движење, се вели во соопштението на ЕУЛЕКС доставено до агенцијата КосоваПрес.
Мисијата на ЕУ предупредува и дека е загрижувачки криминалот во тие области кои се под контрола на споменатите лица и групи.
– Исто така, загрижува е и криминалот во северно Косово. Безбедносниот вакуум по оставките на полицајците Срби од косовската полиција може да се искористи од криминалните групи. Задача на иснтитуциите за спроведување на законот е да го спречат тоа, се вели во соопштението.
ЕУЛЕКС нагласува дека, „во рамките на својот мандат и капацитети ги поддржува превентивните мерки, но не може да ја замени Полицијата на Косово, која е првата што реагира во однос на безбедноста“.
– Тоа што е сега битно е ситуацијата да деескалира веднаш, да се врати мирот и да се регира воздржано на провокативните дејствија. Ова е пред сé во полза на локалното население, чија заштита и безбедност се загрозени поради актуелната ситуација, порача ЕУЛЕКС.
Локални Срби започнаа на 10 декември блокади на патиштата и на граничните премини кон Србија во северно Косово, откако ден претходно беше приведен поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, осомничен дека организирал напади врз канцелариите на Централната изборна комисија и на припадници на полицијата на Косово, но и врз патрола на Мисијата на ЕУ за владење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.
Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.
По притисок од западните сојузници, пред сé на САД, првин на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистерски таблчички, а подоцна, на 9 декември и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.
Според косовскиот премиер, инцидентите во косовскиот север ги предизвикуваат криминални групи, диригирани од српскиот претседател Александар Вучиќ.
Извор: МИА