Секторот за хуманитарна помош и цивилна заштита на Европската комисија (ЕХО) додели 2 милиони евра на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) за помош на децата во движење во Република Србија и во поранешната Југословенска Република Македонија.
Ова е прв финансиски придонес на ЕХО за работата на УНИЦЕФ со бегалците и мигрантите што се движат низ Европа.
Овие средства ќе помогнат УНИЦЕФ заедно со партнерите да одговори на потребите на децата бегалци и мигранти кои поминува низ овие две земји. Проектот ќе обезбеди 2 милиони евра за помош на 170.000 новороденчиња, деца и мајки преку обезбедување простории наменети за деца што ќе работат 24/7 во кои семејствата ќе можат да се одморат, да добијат прва помош и неопходна зимска облека, како што се ќебиња и облека за деца, како и да помогне во зајакнување на системите за заштита на децата. Исто така ќе биде обезбедена соодветна храна за деца на возраст помеѓу 0-24 месеци и совети за мајките што дојат за најдобрите практики во исхраната.
“Децата се заробени сред невидена и непредвидлива криза. Тие се во движење кон подобар живот во Европа. Сега кога демне зимата нивните потреби се поголеми од кога било. Ние не смееме да ги изневериме”, изјави Мери-Пјер Поарие, специјален координатор за кризата на бегалците и мигрантите во Европа. “Овој дарежлив грант од ЕХО на подолг рок ќе ни помогне да го олесниме нивното тешко патување.”