Новиот турски претседател Реџеп Таип Ердоган вчера примил писмо од кипарскиот претседател Никос Анастасиадис. Според весникот „Филелефтерос“, Ердоган писмото го примил од грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, кој вчера присуствуваше на церемонијата во Анкара на полагање заклетва од Ердоган како претседател на Турција.
Се смета дека во своето писмото до Ердоган шефот на кипарската држава повикува на соработката на Турција со цел да се даде поттик во процесот на преговори за надминување на проблемот со етнички поделениот остров.
Кипарскиот претседател не сакал средба со Ердоган, туку настојувал новиот турски претседател да покаже волја за надминување на проблемот на островот.
Со оваа интервенција Никозија ја истакнува неопходноста од конструктивната позиција на Турција и од нејзиното поактивно учество во преговорите за Кипар.
Според кипарскиот весник, Атина и Никозија не очекувале писмен одговор од Ердоган. Сепак, двете престолнини се надеваат дека Ердоган ќе даде индиректен одговор на писмото и дека тоа веројатно ќе се случи за време на неговата прва посета како шеф на држава на таканаречената Севернокипарска турска република, што е призната единствено од Анкара, а која треба да се оддржи веќе на 1 септември.
Посетата ќе се реализира на само еден ден пред средбата на кипарскиот претседател Никос Анастасиадис со лидерот на кипарските Турци, Дервиш Ероглу. Дипломатите сметаат дека овој факт создава извесни компликации, прво затоа што самата посета на Ердоган на Никозија се оценува како незаконска и уште еден чекор кон зацврстување на окупациската реалност на островот, и второ, затоа што доколку новиот турски претседател го изложи своите познати позиции за кипарскиот проблем, тие јасно ќе натежнат врз веќе негативната клима.