Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави за време на посетата на самопрогласената држава Северен Кипар дека Турција ќе ја признае само онаа спогодба за повторно обединување на островот, според која отцепените кипарски Турци би биле признати како еднаков партнет во федерацијата со меѓународно признатиот грчки дел на Кипар.
За Ердоган ова е прво патување надвор од земјата, откако минатата недела беше инаугуриран за шеф на државата. Северен Кипар традиционално е прва дестинација на секој нов турски претседател.
Тој вчера разговараше со лидерот на кипарските Турци, Дервиш Ероглу.
– Ние не можеме да заборавиме на Кипар, изјави новиот турски претседател.
– Како и Турција и Грција би требала како земја гарант да ги исполни своите обврски, рече Ердоган и порача дека доколку секој ги исполнува своите должности, кипарското прашање би можело да се реши мошне брзо.
Ердоган вети дека на овонеделниот самит на НАТО во Велс, како и на отварањето на Генералното собрание на Обединетите нации подоцна овој месец ќе разговара за кипарското прашање.
Кипар е поделен во 1974 година, кога Турција го окупираше северниот дел од островот, по што приврзаниците на обединување на таа земја со Грција извршија државен удар. Декларацијата за независност на кипарските Турци ја призна само Турција, која во северниот дел на островот има 35 илјади свои војници.
Мировните преговори меѓу Кипар и неговиот отцепен дел почнаа во февруари оваа година, но засега нема никаков напредок, меѓу останато и поради ставот на официјална Никозија да не ја признае рамноправноста на турската страна, бидејќи со тоа би била дадена легитимност на состојбата, која е остварена со помош на оружје.