Човекот кој поради својата глупава љубопитност е ставен на столбот на срамот и маркиран како дивјак, протеран е од Хрватска и плати казна. Дали на тој човек некој ќе му се извини?
Нема.
Тоа дека Македонецот тепал средоземна фока, ја удирал по грбот, ја злоставувал и слично, тоа е глупава лага. Зошто хрватските портали речиси без срам тоа го пласираа на своите читатели: Затоа за да кликаат истите читатели; за да се зголеми читаноста на порталите; затоа за тие подобро да стојат на Гемиус, место каде се мери нивната посетеност, што наводно има влијание на подготвеноста на огласувачот на порталите да ги платат рекламите.
Не, Македонецот не ја тепал ниту ја злоставувал фоката во Пула. Да се прашаме попатно, зошто до ѓавола е важно во оваа приказна неговото државјанство, т.е. неговата националност? Како и да е, излажавме. Македонецот фоката ја допрел два или три пати. Се обидел да ја погали па таа побегнала. Сето тоа јасно се гледа на видео објавено на сервисот ЈуТјуб. Наспроти тоа, некои медиуми одеа и чекор подалеку.
Заедно го објавија и видеото и лажното тврдење дека Македонецот ја тепал фоката. Тука се работеше само за глупава човечка љубопитност, која го чинеше медиумско срамотење, прогон од Хрватска и 1.500 куни.
На кого му требаат такви лаги? На кого му требаат такви вести? Им требаат на порталите, поради кликаност, лајканост, поради споделување на Фејсбук. А сето тоа поради – огласувачите. А каде се читателите? Каде е социјалната корист која новинарството треба да ја произведе? Каде всушност е тука новинарството? Конечно, кој е резултатот на целата оваа тажна приказна? Еве го: сите читатели кои ја виделе видео снимката и насловите на порталите сватија (уште еднаш) дека на медиумите не смее да им се верува.
Оваа глупост, поточно лага за – Македонец кој удирал средоземна фока – зборува дека секој читател на хрватските портали три пати треба да помислат пред да ги земат здраво за готово објавените вести. Поради вакви глупости не треба да се верува на вестите кои се состојат од една глупава изјава на некој политичар, а кои на социјалните мрежи се шират како пожар. Се сеќавате ли на Милановиќ, неговата посета на Гуња и гафот со изјавата за пукнатата цевка?
Најдете ја уште еднаш таа вест па сами оценете ја нејзината информативна тежина. Зарем тој гаф зборува дека Милановиќ е нечувствителен на страдањата на луѓето во Гуња? Сигурно дека не говори, но и така се обидува да се интерпретира таа негова несреќна и неспретна изјава. Како пожар се прошири на социјалните мрежи, како гориво за критика на премиерот од СДП во земјата на чудата.
Примери како овој имаше многу. Се работи за вести и теми кои немаат никаква информативна тежина, кои разгоруваат ниски страсти, а се објавуваат само за порталите да ја зголемат својата читаност. Понекогаш такви вести се објавуваат и на некого да се нанесе политичка штета. Со тоа, рековме, најдобро е запознат Милановиќ, посебно откако е виновник за се што се случува во Хрватска, Европа, светот и вселената, наназад една година и повеќе.
Се сеќавате ли на вестите дека во Северна Кореја медиумите ја манипулираат јавноста зборувајќи дека нивната фудбалска репрезентација го освоила Светското првенство? Ако се сеќавате, имајте на ум дека и тоа е медиумска лага. Никој тоа не го докажа, што не беше причина порталите таа глупост да не ја експлоатираат до иритантност.
Такви и слични вести на порталите речиси се секојдневни. Тие го уништуваат новинарството. Тие ги убиваат последните остатоци на довербата во новинарската работа. Притоа, застрашувачки е да се гледа како такви лаги растат со секоја нова објава.
Македонецот прво ја удрил фоката, на следен портал тој ја удирал повеќе пати, а на крајот тој ја тепал фоката, т.е. ја злоставувал. Секоја нова објава на приказната се додава уште еден детал, бидејќи она што на почетокот се објавило на уредниците им се чини дека е недоволно. Треба да се оди чекор подалеку, за веста да биде уште по читана. Каква тага, да се гледа како со такви глупости исчезнува довербата на читателите во медиумите! Каква срамота, да се чита на социјалните мрежи гласот на јавноста која ќе свати дека е измамена!
Што е најлошо од се, со вакво известување на порталите не се гледа крајот, а ако на ум имаме дека порталите станаа еден од доминантните извори на информирање, тогаш гледаме дека штетата е огромна. Поради такви работи страда и најдобриот истражувачки труд на новинарите, кои објавуваат на интернет. Поради такви работи работниците во медиумите станаа омразени кај читателите, гледачите и слушателите. Сами на себе нанесуваме непоправлива штета.
Нови Лист – Риека