ЕУ и Турција постигнаа спогодба за забрзување на процесот на укинување на визите за турските државјани, но барањата до Турција остануваат непроменети, односно 72 „бенчмаркови“ треба да бидат адекватно покриени, изјави на прес-конференција портпаролката на Европската комисија Мина Андреева.
– Се вршат подготовки за почетокот на преговорите за пет поглавја од процесот за приклучување на Турција кон ЕУ. Целиот процес содржи 35 поглавја, од кои едно е веќе затворено, а 14 се отворени, прецизира портпаролката на Европската служба за надворешни активности Маја Коцијанчич, пренесува БТА.
Таа појасни дека подготовките за отворање на поглавјата се поврзани со темите за енергетика, правосудство, слободи, образование, надворешна безбедност.
– За ЕУ веќе долго време ПКК е терористичка организација, а слободните медиуми се носечкиот столб на секоја демократија, додаде таа во одговорот на прашањата поврзани со последните настани во Турција.