Премиерот на Албанија Еди Рама остро ја осуди Европската унија поради тоа што не спроведува либерализација на визниот режим за Косово, нагласувајќи дека тоа е срам за ЕУ и за Косово, пишува весникот „Коха диторе“.
По вчерашната заедничка седница во Тирана на Владата на Албанија и косовката Влада, премиерот Иса Мустафа изјави дека за Косово е од исклучителна важност да се постигне спогодба за визна либерализација.
– Со таа спогодба ќе се отстрани состојбата на изолација и ќе се зајакне чувството на европски идентитет и припадност. Тоа се нашите предизвици, нагласи Мустафа.
По заедничката седница потпишани се пет спогодби и четири меморандуми, два протокола и една заедничка изјава за пограничните слободни зони, додава весникот.