Нова демократија да каже кои имиња ги предлагала во преговорите во минатото и со кои сега се согласува, бараат од грчката Влада во одговор на изјавата на портпаролката на опозициската партија која обвини за тајна дипломатија.
– Штом Спираки е толку многу загрижена за „тајната дипломатија“, време е да каже кои имиња ги предлагаше Нова демократија кога преговараше со ПЈРМ? И со кое од овие се согласува денес?, коментира портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во пишаната изјава.
Како што јави претходно дописничката на МИА од Атина, од опозициската Нова демократија, преку портпаролката Мариа Спираки ја обвинија Владата за тајна дипломатија и дека ги држи граѓаните во мрак и побараа Ципрас итно да го извести парламентот за последните случувања во разговорите за името.