Двајца Албанци, кои беа дел од групата што во март побегнаа од затворот во градот Трикала во Грција, се убиени синоќа во престрелка со припадници на грчките полициски сили во планинскиот реон крај градот Агринио, на околу 300 километри северно од Атина.
Според полицијата, акцијата за апсење на избеганите затвореници почнала вчера во утринските часови откако биле идентификувани од полициските термички камери.
По идентификацијата почнала интензивна потрага со хеликоптер и полициски кучиња. На предупредвањата да се предадат, албанските државјани отвориле оган од автоматски пушки на што полицијата возвратила. Во жестоката престрелка двајца од затворниците биле убиени.
Полицијата ја продолжила потрагата по уште најмалку четири лица, кои биле поделени во две групи и се движеле во различни насоки.
На 22 март од затворот Трикала избегаа 11 Албанци, тројца од нив веднаш беа уапсени, додека останатите осум се криеја во разни области во Грција и неколкупати имаа престрелки со полицијата. На 30 март при една престрелка беше убиена 25-годишна девојка, случаен минувач крај местото на престрелката, додека на 17 јуни избеганите затвореници убија 37- годишен полицаец и разоружаа полициска патрола.