Милорад Додик, на кого Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот како претседател на Република Српска, денес го предложи Саво Миниќ за мандатар на новата Влада на Република Српска.
– Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, врз основа на овластувањата дадени со Уставот на Република Српска, денес му го предложи на Народното собрание на Република Српска кандидатот за премиер на Република Српска, г-дин Саво Миниќ од Шамац – соопшти канцеларијата на претседателот на Република Српска.
За потсетување, претходниот премиер Радован Вишковиќ поднесе оставка во понеделник, а таа беше потврдена вчера во Народното собрание на Република Српска.
Srpskainfo прв објави пред 7 дена дека Вишковиќ поднесува оставка и дека Миниќ ќе биде новиот мандатар.
Претходно беа споменувани неколку имиња како можна замена за Вишковиќ, а изборот на крајот падна на сега веќе поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Саво Миниќ.
Инаку, Радован Вишковиќ беше на чело на Владата на РС 7 години, а првпат стана премиер во ноември 2018 година.
За потсетување, на 1 август, Апелациониот оддел на Судот на БиХ ја потврди првостепената пресуда против Милорад Додик, со која беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност.
По добивањето на официјалната пресуда од Судот на БиХ, Централната изборна комисија донесе одлука за прекин на мандатот на Додик како претседател на Република Српска.
Оваа одлука ја потврди и Апелациониот оддел на Судот на БиХ, кој го прекина мандатот на Додик како претседател на Република Српска.
Одбраната на Додик во меѓувреме побара Уставниот суд на БиХ да ја одложи пресудата, додека Судот на БиХ го прифати барањето на Додик за откуп на едногодишната затворска казна на која конечно беше осуден.