Претседателот на Република Српска Милорад Додик соопшти дека на состанокот на владејачката коалиција во РС било договорено да се донесе одлука која ќе ја усвои владата на РС и Националното собрание на тој ентитет за прекин на контактите со Амбасадите на САД и Велика Британија во БиХ.
„Дејтонскиот договор не го потпишаа САД или Велика Британија, не се тие кои би можеле да го толкуваат договорот бидејќи се работи за потписниците на договорот и неговите анекси. Американската и британската амбасада систематски го уништуваат Уставот на Босна и Херцеговина и други анекси“, посочи Додик.
Тој смета дека американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Мајкл Марфи, отворено го поддржува повикот за оружје на муслиманите во Босна и Херцеговина. Владејачката коалиција смета дека ваквото однесување е директен удар за можното помирување во Босна и Херцеговина.
„Затоа, принудени сме да ги прекинеме сите контакти со споменатите претставници на амбасадите. Контактите ќе ги прекинат претставниците на властите во Република Српска и претставниците на Србите на ниво на БиХ, од Претседателството на БиХ, Советот на министри и Парламентарното собрание“, најави Додик.
Се очекува владата на РС да донесе ваква одлука следната недела и Националното собрание да ја усвои на следната редовна седница.
„На ова бевме принудени од американската и британската страна, бидејќи е очигледно дека покрај сите досегашни прекршувања на Дејтонскиот договор, особено Анекс 4 и Анекс 10, подготвуваат уште една измама и грабеж во врска со имотот кој несомнено и без сомнение припаѓа на Република Српска“, заклучи Додик.