Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас ја почна дводневната посета на Косово со средба со косовската претседателка Вјоса Османи.
На средбата Османи посочила дека Косово и Грција споделуваат исти евроатлански вредности и побарала поддршка од Грција за членство во Советот на Европа, Партнерството за мир и НАТО.
Косовската претседателка нагласи дека Косово е целосно усогласено со санкциите на ЕУ и САД против Русија, изразувајќи поддршка за украинскиот народ и истакна дека Косово веќе е домаќин на група новинари од таа земја, додека е отворено и за бегалци.
На средбата како што беше соопштено, Османи изразила подготвеност за продлабочување на понатамошната соработка, со надеж дека наскоро ќе се официјализира одлуката за признавање на независноста на Косово од Грција.
Меѓу другото, Османи на средбата со министерот Дендиас ја истакнала потребата од зголемување на трговската и економската размена, како и соработката во надворешната политика, туризмот, културата и други области од заеднички интерес.
Шефот на грчката дипломатија по средбата со косовската претседателка ќе се сретне и со вицепремиерот Бесник Бислими. Дендиас утре ќе има средба со премиерот на Косово, Албин Курти.
Извор: МИА