На граѓаните на Република Српска можам да им порачам дека пред нас дефинитивно е подобро време и мораме да го искористиме на најдобар можен начин, изјави српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, по средбата во Белата куќа со Сузи Вајлс, шефица на кабинетот и најблиска соработничка на американскиот претседател Доналд Трамп.
– Средбата беше исклучително важна, а би рекла и пријатна. Разговаравме за важни теми за Република Српска, но и генерално за ситуацијата во Босна и Херцеговина и во нашиот регион. Дефинитивно ги зацврстуваме некои стари пријателства, отвораме нови врати и градиме нови пријателства – рече Цвијановиќ.
Таа истакна дека и денешниот ден е посветен на тоа.
– Г-ѓа Сузи е шефица на кабинетот на претседателот Трамп, една од неговите најблиски, односно најблиската соработничка, и беше важно да разговараме за сите тие политички теми, како и за она што е важно во економска смисла, особено за потенцијалите за инвестирање во Република Српска. Исто така, важно беше да го продлабочиме разбирањето за некои работи кои можеби претходно, во некој поранешен период, останале недоволно разјаснети – наведе таа.
Според Цвијановиќ, ова е ново време.
– Дефинитивно забележувам дека отворивме некои врати кои порано беа незамисливи или беше невозможно и да се помисли дека можете да влезете низ тие врати, да разговарате, да имате квалитетни разговори, некој да сака да ве слушне, да го види вашиот став и некој да се однесува пријателски кон Република Српска.
Таа додаде дека повторно ќе се врати во Вашингтон, според договорот, за околу еден до еден и пол месец, за да продолжат разговорите за темите што биле започнати на денешната средба и за кои се очекуваат одредени активности.
