Нагло влошување на епидемиолошката состојба во Грција е регистрирано денеска, со над 2.700 новозаразени за 24 часа, а потврден е 281 случај на луѓе заразени со делта-сојот на вирусот. Шест грчки региони се под лупата на властите и се наоѓаат на чекор пред враќање на рестриктивните мерки.
Во Грција досега има вкупно 402 случаи на инфицирани со опасниот, позаразен делта-сој на коронавирусот, од кои најголемиот дел, 242, се во областа Атика, поширокиот регион на Атина. 75 се во најголемиот град на Крит, Ираклион, 21 во Ретимно, исто така на Крит, а 12 во Солун.
Сепак, доколку се анализираат официјалните податоци за мутациите во Грција, доминантен е алфа-сојот со 78,32 отсто од вкупниот број мутации, а потоа следи делта со 2,13 проценти, што е околу трипати повисок удел на оваа варијанта од минатата седмица.
Денеска се потврдени 2.794 нови случаи на Ковид-19 и шестмина починати, а професорката, епидемиолог и член на надлежната комисија во Министерството за здравство на Грција, Вана Папаевангелу, на редовната прес-конференција рече дека за две недели, бројот на нови случаи се зголемил за петпати на седмично ниво. Во последните 15 дена 80 отсто од заразените се под 39 години, вели Папаевангелу.
Таа истакна дека младите, кога се враќаат од летните одмори, го пренесуваат вирусот во нивната семејна или работна средина.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, на редовната прес конференција соопшти дека шест региони: островите Миконос, Парос, Санторини, Иос и градот Ретимнос на Крит се под зголемен надзор, ќе се зголемат тестирањата, но и истакна дека се еден чекор пред преземање конкретни мерки, додавајќи дека тоа е нешто што може и да се избегне.
Меѓу новите мерки кои попладнево ги соопшти Хардаљас за овие шест региони е дека од сабота, за невакцинираните вработени во туризмот и угостителството, задолжителни се тестови двапати неделно, со еден брз и еден „селф-тест“, а истото важи и за екипажот на бродовите.
Дополнително, построги се и протоколите за детските летни кампови, каде се забраниети сите посети, за влез е задолжителен негативен рапид и ПЦР тест, децата ќе бидат тестирани еднаш во неделата, а вработените кои не се вакцинирани ќе се тестираат двапати неделно.