Ципрас: Договорот од Преспа ги отвора Грците кон светот

Од:

Прототип на грчката позиција за пристап на соработка и комуникација со сите соседи е Договорот од Преспа, договор кој ги отвора Грците кон светот, а на Солун му дава можност одново да стане престолнина на Балканот, рече грчкиот премиер на свеченотот отворање на Меѓународниот саем во Солун.

Алексис Ципрас изрази надеж дека Солун треба да биде срцето на балканскиот развој, точка на трговија и економска размена, мост на цивилизации, а не ѕид и град со завртен грб кон соседите.

– Со овој отворен хоризонт, со самодоверба и разбирање, со расположение за соработка и комуникација им пристапуваме на сите наши соседи. Ова го правиме во економијата и трговијата, ова го правиме во културата, ова го правиме и во нашите меѓународни односи. А прототип на оваа позиција е и договорот што го постигнавме со нашите северни соседи, Договорот од Преспа што го отвора Солун, што ја отвора Северна Грција, ги отвора Грците кон светот, а главно, ја претвора нашата земја во фактор на решенија и столб на стабилност, мир и соработка во поширокиот регион, рече грчкиот премиер кон крајот на неговиот едночасовен говор на свеченото отворање на саемот, а делот посветен на Договорот од Преспа наиде на аплаузи кај присутните во салата.

Најголемиот дел од обраќањето на Ципрас беше за економијата во пост меморандумскиот период, визијата за и планот Грција одново да се издигне економски.

– Не дојдов да ви поделам бенефиции туку да споделам со вас визија, рече Ципрас и додаде дека по „чистиот излез од меморандумите, Грција повторно е на свои нозе, се држи на своите сили и може со сигурност и самодоверба да гледа кон иднината“.

– Денес сакам да ја споделам со вас визијата, да ја направиме Грција повторно наша. Грција на просперитет, на еднаквост и напредок. Имаме план и го спроведуваме во пракса. Овој план се вика праведен развој, рече грчкиот премиер објаснувајќи дека се однесува на обновување на работата, обезбедување достојни услови за работа со соодветни плати за сите, намалување на невработеноста за Грција „да стане нов светски прототип, нов алтернативен пример за развој и просперитет“

Ципрас истакна дека по девет години економијата е на пат да закрепне, невработеноста од 27 отсто во 2015, падна на 19.1 отсто, додека пак целта е во следните пет години да се намали на 10 отсто.

Грчкиот премиер во говорот објави и низа економски мерки за закрепнување на најпогодените општествени слоеви од финансиската криза од изминатите години.

Во исто време со говорот и обраќањето на Ципрас, во непосредна близина на објектот на Меѓународниот саем се случија сериозни инциденти меѓу демонстранти и полицијата кои траеја до доцна синоќа.

Би можело да ве интересира

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната