Чешките органи не реагираат на информациите на Бугарската телевизија БТВ дека унгарската полиција во автобус кој сообраќал од Прага до Варна во Бугарија е најден експлозив, кој веднаш бил деактивиран, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.
Со објаснување не излезе ниту бугарската автобуска компанија „Омега Груп 84“, која сообраќа на оваа линија и во чија сопственост е превозното средство.
Според бугарски медиуми, канистер со бензин и експлозив во цевка, во просторот за багаж бил откриен од возачот на автобусот во близина на Будимпешта, по што кај 37-те патници настанала паника и случајот бил пријавен во полиција по што реагирала антитерористичка единица.
Дел од медиумите јавуваат дека се работи за пресметка меѓу превозниците и дека виновникот за внесувањето на експлозивот изгледал како Чех или Словак, но од автобусот се симнал на некоја од претходните дестинации.
Според достапните информации во случајот е заеднички ангажирана полицијата од Чешка, од Унгарија и од Бугарија.
Чешката амбасада во Будимпешта соопшти дека за наводниот инцидент разбрале од медиумите и немаат официјални информации.