Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на економскиот форум Делфи во Атина, во разговор со главниот уредник на весникот „Катимерини“ Атанасиос Елисомна, на прашањето за Преспанскиот договор, нагласи дека Србија веднаш го поддржала, истакнувајќи дека тоа било добра вест, што ѝ овозможило на Северна Македонија да го продолжи својот европски пат.
-Знам дека просперитетот на мојата земја е невозможен без просперитет на целиот регион. Затоа, мене како премиер на Србија, ми е важен напредокот на сите во регионот, подеднакво важен како и напредокот на мојата земја, изјави таа.
Како што соопштија од српската Влада, Брнабиќ посочила дека Преспанскиот договор докажал и дека историски тешките прашања можат да се решат преку дијалог, што е исто така, важно и за дијалогот со Приштина.
-Договорот од Преспа е добар пример за тоа како се надеваме дека работите ќе се решат со Приштина, изјави Брнабиќ, нагласувајќи дека документот покажува и оти, штом се постигне компромис, сите треба да го прифатат.
Премиерката на Србија, Брнабиќ, денеска на маргините на Економскиот форум Делфи се состана и со премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ.
Пред официјалната средба со Кривокапиќ, за време на паузата на Форумот, Брнабиќ имаше краток разговор со македонскиот премиер Зоран Заев, поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, и на нив им се придружил и премиерот на Црна Гора.
Брнабиќ во Атина учествуваше на Делфи форумот, а претходно разговараше со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис и со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.