Европската Унија се огласи за парламентарните избори во Србија, по извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, и Брисел истакнува дека за напредок кон ЕУ е потребен широк политички дијалог.
Вчерашните парламентарни избори во Србија се одржаа без учество на опозициските партии кои поради тоа нема да бидат дел од новиот законодавен дом. И покрај силните критики на граѓанското општество во Србија и на дел од европската јавност, Брисел го прифати исходот на овие избори, иако во ЕУ велат дека се свесни за пропустите во процесот.
„И покрај тоа што учесниците во парламентарните избори во Србија имаа можност да водат кампања и се почитуваа темелните вредности, изборот на гласачите беше ограничен поради огромната предност на владејачката партија и промоцијата на владините политики од страна на повеќето главни медиумски куќи, стои во заедничката реакција на шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Реакцијата на ЕУ се заснова врз извештајот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР која поради пандемијата со коронавирусот имаше помалку надлежности отколку во нормални услови. Мисијата треба во наредните недели да објави комплетен извештај.
Дотогаш Европската Унија очекува од властите во Белград да се посветат на “инклузивен“ политички дијалог со сите политички чинители и институции за да се коригираат изборните слабости, кои се одамна предмет на критика.
„Го охрабруваме новиот парламент да продолжи да се посвети на меѓупартискиот дијалог предводен од Европскиот Парламент, со цел градење на широк меѓупартиски консензус за реформите поврзани со ЕУ, кои се витални за напредокот на земјата на европскиот пат. Го охрабруваме српското лидерство да се ангажира во искрен дијалог со целиот политичкиот спектар за да се напредува во реформите поврзани за владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата,“ стои во ставот на Европската Унија.
Попладнево европските социјалдемократи во Европскиот Парламент побараа од Европската Комисија да не отвора нови преговарачки поглавја со Белград додека не биде реализиран напредок во овие клучни области.
Европската Комисија одговори дека очекува од новата влада во Србија да се посвети на реформите за членство во ЕУ.