Проширувањето на Европската унија со земјите од регионот и поврзувањето на земјите од Западен Балкан, се поврзани и меѓузависни процеси, изјави денеска во Брисел Мајлинда Брегу, која од 1 јануари 2019 година ќе ја преземе должноста генерален секретар на Регионалниот совет за сорабтока (РСС) од досегашниот Горан Свилановиќ.
-Трансформацијата на Западен Балкан значи поврзување, односно интеграција на нашите економии во единствен пазар, поврзување на луѓето и заедничките вредности, поврзување на нашите заеднички политички, безбедносни и економски интреси. Мораме да се погрижиме нашите општества да станат поинклузивни. Сите заедно без исклучок треба да имаат полза од растот, изјави Брегу.
Таа зборуваше на панел во рамките на 19 Самит што го организираат „Пријателите на Европа“, со помош на Европската комисија, на „Конрад Аденауер“, на РСС, на УНДП и на Командатата на американските сили во Европа.
Самитот е всушност платформа на која се собираат креаторите на политиките од регионот и претставници на Европската унија, земјите членки и други влијателни институции, а на кои се разговара за политички и економски прашања што се значајни за Западен Балкан
Покрај сесијата за поврзување има уште два панела: „Европска унија и Западен Балкан – И натаму сложено“ и „Надминување или поттикнување на поделбите – Улогата на медиумите и локалните организации“.