Сослушувањето на српскиот актер Бранислав Лечиќ во врска со обвинувањето од неговата 28 години помлада колешка Даниела Штајнфелд дека ја силувал пред девет години, денеска траеше повеќе од седум часа во полициска станица во Белград.
Актерот и политичар, кој беше и министер за култура на Србија, пристигна во полициската станица околу 14 часот придружен од неговиот адвокат, а ја напушти нешто по 21 часот вечерва.
Дел од српските медиуми, повикувајќи се на извори во полицијата, објавија дека Лечиќ барал веднаш, уште на денешното сослушување, да биде ставен на тест на детектор на лаги.
Непосредно откако беше завршено сослушувањето, се огласија од Вишото јавно обвинителство.
„Во својата изјава, Лечиќ во целост ги негираше наводите на Даниела Штајнфелд. Вишото јавно обвинителство продолжува со собирањето докази, за да се донесе одлука околу понатамошниот тек на постапката,“ изјави портпаролката на Обвинителството, Ивана Ракочевиќ.
Лечиќ, кој повеќепати се огласи во јавноста откако беше обвинет на почетокот на неделава, го напушти Обвинителството на задниот излез, за да ги избегне бројните новинари.
38-годишната Штајнфелд го обвинува познатиот глумец дека пред девет години, во време кога заедно играле претстава во Белградскиот драмски театар, ја одвел со својот автомобил на периферијата на Белград, каде ја силувал. Во ексклузивно интервју за „Инсајдер“, Штајнфелд раскажа дека по долгото емотивно, психичко, физичко и сексуално измачување, таа не можела да стои, ниту да зборува, а поради траумата од настанот, по некое време решила да се пресели во САД, каде и денес живее и работи.
Случајот со Штајнфелд ја разбранува јавноста во Србија, која веќе беше под впечатоците од серијата случаи на сексуално вознемирување и малтретирање во актерскиот свет кои се открија во изминатите месеци, откако една друга глумица – Милена Радуловиќ, го разоткри познатиот учител по глума Мика Алексиќ како сериски силувач на неговите малолетни ученички.
Штајнфелд првпат проговори за случајот лани во август, кога изјави дека ја силувал „моќник од српската филмска индустрија“, а во нејзиниот документарен филм „Зацели ме“, посветен на процесот на надминување на траумите од сексуалното насилство, таа објави снимка од разговор со Лечиќ направена четири години по наводното силување.
За случајот се заинтересира дури и Њујорк Тајмс, кој објави опширна статија за обвинувањето на Штајнфелд, заедно со целата 77-минутна снимка од разговорот меѓу неа и Лечиќ, а весникот ги анализира неговиот тон и содржина. Актерката за Њујорк Тајмс изјави дека Лечиќ ја напаствувал и пред конкретниот настан, на пробите од преставата во која заедно глумеле. Таа вели дека го гледала како ментор и како пријател, се додека не почнал да ѝ предлага да имаат интимни односи.
На една од пробите, Лечиќ нагло ѝ ги ставил раката под фустанот, а таа се извлекла и побегнала. По ова, била во шок, но сепак решила да не му каже ништо на режисерот, затоа што се плашела дека никој нема да ѝ верува, како и дека тоа би можело да ѝ ја уништи кариерата, пишува Њујорк Тајмс.
Американскиот весник, сепак, наведува дека од целиот разговор, кој Штајнфелд го снимала на нејзиниот мобилен телефон, не може да се заклучи дека настанот се случил онака како што таа кажува.
Во меѓувреме, актерката на Инстаграм објави фотографија со маица на која на англиски пишува „Прашај ме за мојот сексуален напад“, како порака за жртвите на сексуални злосторства кои се уште не му откриле на светот за своите трауми, да се охрабрат и да го сторат тоа.
View this post on Instagram
Случајот ја подели и актерската фела во Србија – дел од долгогодишните колеги на Лечиќ, како актерите од Белградскиот драмски театар и Мирјана Карановиќ, соопштија дека повеќе нема да играат во претстави во кои глуми славниот актер. Дел од актерите од постарата генерација, пак, како Ева Рас и Милан Гутовиќ, застанаа во одбрана на Лечиќ, повикувајќи ја јавноста и медиумите да не му пресудуваат додека случајот уште не е ниту стигнат до суд.