БиХ и Хрватска се богати со вода, само да не ја истурат

Од:

Ал Џезира Балкан – Сараево

Со исклучок на спортот и културното наследство, според малку нешта земјите од овој регион можат да се вбројат во самиот европски или светски врв. Едно од тие нешта е водата, т.н. сино злато кое до крајот на овој век ќе го преземе стратешкото значење какво што денес го има нафтата.

Иако не се големи по површина и број на жители, Хрватска, Словенија, а посебно Босна и Херцеговина, според обновливите извори и резерви на питка вода се на самиот врв.

Сето тоа секако, сметајќи по глава на жител, бидејќи нема ни Босна и Херцеговина ни Хрватска да го спаси жедниот свет, но се меѓу малубројните, природно повластени земји кои долгорочно не треба да се загрижени поради недостиг на питка вода.

Но, токму поради тоа пред наведените земји стојат предизвици. Првиот, кој не е само локален туку и глобален, се однесува на се поголемиот страв дека водата од јавните добра ќе стане комерцијална стока.

Благодет на питката вода од славина

Ретка е благодетта која ја уживаме на овие простори. За разлика од останатиот свет, можеме да пиеме вода од славина. Колку и да се трудат производителите на флаширана вода и да успеваат со агресивните кампањи да не убедат дека нивната вода е полнета на извор, подобра од комуналната, водата од славина е привилегија за која треба да бидеме свесни и длабоко да ја почитуваме.

Меѓутоа, држави како Босна и Херцеговина или Хрватска се во долгови до грло и нивната финансиска исцрпеност лесно може да ги доведе до ѕид пред кој нема да имаат многу избор туку да ги продаваат или даваат под концесија своите јавни добра и комуналната инфраструктура.

Во Европа веќе подолго време се одвива приватизација на водата на мала врата, токму со влезот на големите концерни во сопственост на јавните водоводи. Иако притоа има и добри примери, во повеќето случаи тоа сепак резултираше со пад на инвестициите во мрежата за водоснабдување, а со тоа и со пад на квалитетот на водата и нејзино драстично поскапување.

Хрватска на пример до 2030 година мора по налог на Европската комисија да вложи во водоводната мрежа дури 4,5 милијарди евра. Сметајќи дека буџетот на многу градови и општини тешко можат да го поднесат тој финансиски товар, една од веројатните опции е приватизација на јавните водоводи.

Зборувајќи за таа загриженост, Томислав Томашевиќ, водител на еколошката програма во хрватската канцеларија на фондацијата Хенрих Бол, потенцира дека треба точно да се дефинира што евентуално би требало да се приватизира.

Приватизација на мала врата

– Погрешна е претпоставката дека се продаваат извори со питка вода, туку се работи за влез на приватниот сектор во услугите на комуналното водоснабдување. Ретко се случува на тој начин да се приватизира инфраструктурата, т.е. водоводната мрежа. Обично се приватизира услугата за водостопанство така што приватни фирми, главно се работи за четири мултинационални корпорации: Веолија и Суез од Франција, шпанската ФЦЦ и германската РВЕ, преку концесија добиваат монопол над управувањето со водоводната мрежа и со испораката и наплатата на водоснабдувањето по домаќинствата и фирмите на 10, 20 или повеќе години – вели Томашевиќ.

Прашање е дали земји како БиХ или Хрватска, кои сразмерно според големината и бројот на жителите, се на самиот европски врв според обновливи извори на вода и водни резерви, ќе се откажат од продажба на ресурсите. Томашевиќ смета дека таквото сценарио е екстремно, бидејќи во уставите и законите на државите обично е забранета приватизација на извори на питка вода. Но, постои друга дупка во законот.

– За жал, реалното сценарио кое се заканува на Хрватска и државите во соседството е да бидат присилени да ја продадат водоводната инфраструктура, што е еднакво на погубно. Имено, комуналните претпријатија за водоснабдување, кои моментално се во јавна сопственост, често служат за политички кадровирања па поради тоа лошо управуваат со водните ресурси. А поради местени градежни работи на партиските партнери нивната изведба често е преплатена. Сетоа тоа резултира со преголемо задолжување на локалните власти кои се сопственици и на комуналните претпријатија и на водоводот, па се плашам дека тоа сценарио долгорочно води кон приватизација на водоводната мрежа за да се покријат долговите – вели Томашевиќ.

Јавно добро или комерцијална стока

Според него, решението би било во партиципативно управување со комуналните фирми за водоснабдување, какво што веќе се практикува по некаде во Европа, на пример во Гренобл во Франција. Таму во управата на комуналните фирми заедно со политичарите седат и претставници на синдикати и граѓански здруженија, успешно грижејќи се со парите да се раководи одговорно и на одржлив начин.

Суштината на целиот проблем со водата е во тоа дека таа за секогаш треба да остане јавно добро. Со Резолуцијата на ООН од 2010 година правото на водата е прогласено за човеково право. Тоа значи дека секој човек има право на неа во доволна количина и според прифатлива цена. Но, околу 900 милиони луѓе во светот сеуште немаат пристап до чиста питка вода.

Од друга страна, јакнат корпорациските барања за нејзина целосна комерцијализација и прогласување на стока. Сетоа тоа е дел од економските војни за вода која во дел од светот веќе се водат, а во иднина можат да ескалираат и во вооружени војни.

– Точно е дека постои се поголем притисок водата да се третира како стока на пазарот, но од друга страна постои и се поголем притисок да стане јавно добро достапно за сите. Во Европската унија се е посилен трендот на рекомунализација, т.е. враќање на приватизираните водни услуги во јавни раце, а јакне и движењето на граѓанското општество за водата како јавно добро.

Пред две години првата успешна официјална петиција на ниво на ЕУ, која собра речиси два милиона потписи, беше токму за водата како јавно добро и против приватизација на водните услуги. Во Италија првиот успешен референдум во последните 20 години исто така беше против наплата на водните услуги. Овие денови 80.000 граѓани во Даблин протестираа против наплата на водните услуги кои ирската влада има намера да ги воведе. Очигледно постојат се поголеми економски и геополитички интереси за освојување, приватизација и продажба на водата, како стока на пазарот, но постои и се поголем општествен отпор на тие намери – заклучи Томашевиќ.

Би можело да ве интересира

Албанка која ги уби братот и сестрата кај Дубровник е осудена на 4 години затвор

Бомба тешка 250 килограми е пронајдена кај Нова Градишка

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница

ВИДЕО: Невреме го потопи Сплит

Земјотрес од 4,4 степени во Босна, почуствуван и во Хрватска