Снегот што од вчера паѓа во Хрватска, Словенија и БиХ предизвика многу проблеми на жителите на одделни области на овие земји. Прогнозирани се уште снежни врнежи, јави Танјуг.
Во Централна Хрватска се очекуваат обилни снежни врнежи над 30 сантиметри, а снег со дожд ќе ја зафати Славонија и северен Јадран.
Снежната покривка во Загреб од утрово се зголеми за пет сантиметри, а одделни делови на градот останаа без струја.
Црвен код на предупредување се уште важи за Госпиќ, Карловац и Риека. Во моментот најмногу снег има во Огулин, 55 сантиметри.
На многу патишта отежнато е движењето на возила, а некои се и непроодни. Зимската опрема и синџири се задолжителни за учесниците во сообраќајот.
По вчерашните снежни врнежи во БиХ, снегот што ни утрово не престана да паѓа во поголемиот дел на Унско-санскиот кантон им предизвика сериозни потешкотии на локалните жители. Висината на снежната покривка е половина метар, а се очекува дека ќе се зголеми повеќе во текот на денот.
Многу населби останаа без електрична енергија, училиштата не работат, а движењето по улиците е отежнато како на возачите, така и на пешаците. Најтешка е состојбата во Бихаќ и Сазин, каде снегот се поинтензивно паѓа.
Исто така затворен е и граничниот премин Изачиќ за сите возила.
Метеоаларм за денеска издаде портокалов код на предупредување поради поинтензивните снежни врнежи во северозападна Босна и зголемување на снежната покривка.
Бура и снег предизвикуваат проблеми на патиштата во Словенија, а надлежните советуваат користење на јавниот превоз.
Поради временските неприлики затворени се одделни гранични премини за товарни возила.
Во одделни области паднаа меѓу 15 и 20 сантиметри нов снег што во комбинација со силен ветер и магла ја намалува видливоста до пет метри.