Целосна поддршка за стабилноста и евроатлатската перспектива на државите од Западен Балкан, засилување на соработката со источните партнери на НАТО и повик до Русија за почитување на договорите од Минск. Тоа се акценти од заедничка изјава на министрите за надворешни работи од државите од Источното крило на НАТО кои денеска се собраа на средба во Варшава.
Членките на Б-9, Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Словачка Романија, Чешка и Унгарија ги разгледуваа заканите и предизвиците за безбедноста во регионот.
– Ја нагласуваме нашата одлучност да помогнеме во стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и нашата желба да соработуваме со државите кои сакаат членство во НАТО. Го поздравуваме примањето на Црна Гора во Алијансата што означува дека вратите се отворени, се вели во заедничката декларација.
Министрите се обединија околу тезата дека членството во ЕУ и во НАТО е важен стимул за државите од Балканот.
Во Варшава министрите за надворешни работи нагласија дека ќе продолжат со поддршка за источните партнери на НАТО – Украина, Грузија, Молдавија.
На состанокот беше упатен и повик до Русија за целосно почитување на Договорите од Минск.
Околу новците закани кон регионот министрите укажаа на кибернападите и хибридните тактики за влијание насочени кон суверенитетот на одделни држави. Тие заклучија дека е неопходно засилување на заедничките напори во рамки на НАТО за справување со тие предизвици.