Атина упати демарш до руската амбасада во Грција за загинатите грчки иселеници во Украина

Од:

Генералниот секретар во Министерството за надворешни работи на Грција Темистоклис Демирис, по добиените упатства од шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, упатил протесна нота до рускиот амбасадор во Атина Андреј Маслов за „воздушните напади во селата Сартана и Буга“, соопштија од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Демаршот доаѓа откако во текот на вчерашниот ден вкупно десет грчки иселеници ги загубија животите во две украински села, а според грчките власти, загинале при бомбардирањето од руски авиони.

Дополнително, генералниот секретар упатил и вербална нота, во која, меѓу другото, истакнал дека „Министерството за надворешни работи изразува згрозеност од неиспровоцираните воени напади и ја повикува Русија да го почитува меѓународното хуманитарно право и да престане со нападите врз цивилното население“.

Од грчкото МНР, вчера преку три соопштенија информираа дека загинаа вкупно десет грчки иселеници.

По првото соопштение за загинати две лица „при бомбардирањето од руски авион на цивили во селото Сартана во Украина“, следеше и реакција од амбасадата на Русија во Атина.

Изразија „длабока тага поради смртта и повредата на грчките иселеници во областа Донбас“, но и соопштија дека од нивна страна, уверуваат дека „целите на руската специјална воена операција се исклучиво воени единици и инфраструктури“ и додадоа дека не бомбардираат населени области и села, ниту каква било политичка или социјална инфраструктура.

-Во исто време, посочуваме дека украинската армија и неонацистичките националистички баталјони веќе многу години се познати по нападите врз цивилите, дури и со тешко оружје. Ова е докажано и официјално евидентирано. Предупредуваме дека режимот во Киев веројатно е да ја искористи грчката, но и другите етнички заедници кои живеат во Украина, токму за да ја испровоцира и разгори антируската реакција од странство, соопштија од руската амбасада во Грција.

За смртта на грчките иселеници, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис синоќа на „Твитер“ напиша дека „десет невини цивили со грчко потекло беа убиени од руски воздушни напади во близина на Мариупол“.

-Запрете го бомбардирањето сега!, порача Мицотакис.

Исто така преку „Твитер“ реагираше и францускиот претседател Емануел Макрон, кој на грчки јазик напиша дека не е само украинскиот народ што жали „поради војната предизвикана од Русија, туку и сите народи во Европа“ и додаде дека нивните мисли се со Грција „која неправедно загуби десет иселеници кои живееја во Украина, во близина на Мариупол“.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Трајна неутралност на Украина, воени ограничувања за Киев, што бара Путин за да договри примирје со Трамп

Ќе загубиме ако САД ја прекинат воената помош вели Зеленски

Катерина Ѓуровски

САД ја затвори амбасадата во Киев: „Добивме информации за потенцијален напад“

Катерина Ѓуровски

Медведев: Можеби старецот Бајден решил да го напушти овој свет и да земе дел од човештвото со себе

Катерина Ѓуровски

Што значи новата руска нуклеарна доктрина што ја потпиша Путин

Русија потврди: Украинците лансираа американски проектили на наше тло