Арапска оаза во БиХ и зошто токму таму

Од:

Дојче веле – Бон

20 години по војната, БиХ тешко го заживува стопанството. Нестабилната политичка состојба и бирократијата се основни пречки за странските инвестиции.

Меѓутоа, еден проект сето тоа може да го промени.

Тоа ќе биде туристички град со над 2.000 вили, неколку блокови апартмани и 160 станбени единици.

Тука ќе биде и најголемиот трговски центар во овој дел на Европа, „Зајд шопинг мол‟, со продавници и други содржини кои ќе се простираат на милион квадратни метри, како и болница „Озон хоспитал‟, вели за Дојче веле Исмаил Ахмед, извршен директор на компанијата „Бурој проперти дивелопмент‟ чие седиште е во Дубаи. Некои елементи од неговото родно Дубаи ќе бидат пресликани во „Бурој озон градот‟, како спектакуларните фонтани.

Според прелиминарните податоци, вредноста на проектот е проценета на над 4 милијарди евра. Зголемениот интерес на арапските инвеститори за Босна и Херцеговина и големите суми на пари кои сакаат да ги инвестираат, предизвикаа медиумски шпекулации дека Арапите се шират во Босна поради мнозинското муслиманско население и дека градат џамии во земјата.

Бизнис е бизнис

Ахмед тврди дека проектот нема никаква врска со религијата или националноста, туку само со бизнисот. „Ова е меѓународен проект и отворен е за сите. Наша целна група се арапските туристи, но и европските, африканските и туристи од други земји‟. Тој потенцира дека сите се добредојдени бидејќи „кога водиш бизнис или инвестиција, не водиш сметка за националноста, туку за бизнисот. Така ова нема да биде само за Арапите, туку за сите‟.

Една од најскапите и дефинитивно најголема туристичка населба во југоисточна Европа, ќе биде изградена на околу 15 километри од Меѓународниот аеродром во Сараево на речиси 1,3 милиони квадратни метри во подножјето на Трескавица, Бјелашница и Игман.

Интересно е дека „Бурој озон‟ ќе биде изграден во град поделен со имагинарна граница меѓу двата ентитета на БиХ, на Република Српска и Федерацијата БиХ. Општината имаше околу 7.000 жители пред војната водена од 1992 до 1995 година, додека сега околу 5.000 луѓе живеат на двете страни на етнички поделеното село. Проектот, за сега е планиран само за подрачјето на Федерацијата БиХ. Сепак, очигледно е дека двата ентитета и целата земја ќе имаат корист од тој проект.

Локалното население, иако не премногу расположено за разговор, главно се надева дека сите ќе имаат корист од арапските инвестиции. Додека чека автобус на станица во српскиот дел на Трново, една жена која се претстави како Рада, вели дека се надева дека нејзините пријатели и соседи ќе имаат можност да најдат работа во новиот туристички град. „Јас работам во продавница во Сараево, но се надевам дека и на нив ќе им требаат продавачи за да можам да конкурирам. Немам ништо против подобра плата‟, вели таа и додава дека не се плаши од Арапите, се додека имаат добри односи со локалното население и додека се подготвени да инвестираат.

Сите се надеваат на работа

Мнозинството во делот на Трново кој е во Федерацијата БиХ велат дека новиот град ќе понуди многу можности за работа за локалното население, без оглед на националноста. „Најмалку 10.000 луѓе ќе најдат работа во Бурој озон. Она што го договоривме ќе има за цел да ја зајакне економијата на оваа земја, бидејќи ќе бидат ангажирани само локални компании, а сите материјали ќе бидат домашни‟, вели градоначалникот на Трново Ибро Берило. Кога градот ќе се изгради, профитот од приходот ќе се дели меѓу инвеститорите и општината во однос 70:30. Берило потенцира дека нема да профитира само муслиманскиот дел од селото, бидејќи намерата е градот да се прошири на цела територија, без оглед на административните и етничките граници.

Не само луѓето од Трново, туку и од целиот Кантон Сараево, според зборовите на Берило, се среќни што ќе го видат почетокот на проектот, конкретен почеток на акцијата. За нив тоа уште изгледа како бајка во земјата каде повеќе од 45 отсто луѓе, од околу четири милиони жители, се невработени.

Природата, водата и кислородот ги привлекуваат парите

Додека арапските инвеститори бараа убави природни предели, богати со вода и со висока концентрација на кислород, место на кое за кратко време може да се побегне од врелото арапско време, луѓето во Сараево се загрижени поради проблемот со водата кој може да се појави, бидејќи еден од важните извори на вода е под планината во непосредна близина на идното градилиште. Градоначалникот Берило гарантира дека сите „извори на вода и резервоари ќе бидат под строга контрола и нема да бидат загрозени од проектот Бурој озон во иднина‟.

Добредојдовте во рајот

Мешавина на модерното и традиционалното, класични згради ќе го прават градот во форма на буквата У, кој ќе се стопува со околните брда и шумата. Се очекува изградбата на „ Бурој озон‟ да се заврши во наредните осум до десет години.

Но, поради што Трново? Селото кое се памти по тоа што беше едно од најнеразвиените места во државата и пред војната?

Ибро Берило објаснува дека арапските бизнисмени поминаа месец дена во Босна и Херцеговина барајќи потенцијално место за туристичкото одморалиште. „На 30 ден дојдоа во Трново. Застанаа, го разгледаа, одморија и рекоа дека ова е џенет (рај)‟.

Новиот арапски рај или оаза во Босна и Херцеговина, како и да е, тоа ќе значи најголема странска инвестиција до сега.

Според статистиките на Централната банка на БиХ и Агенцијата за развој на странски инвестиции, земјите на Голфскиот залив до сега не биле на листа на 10 најголемни инвеститори во БиХ. По војната, најмногу инвестиции во земјата стигнаа од Австрија, Србија, Хрватска, Русија, Словенија, Германија, Швајцарија, Холандија, Велика Британија и Луксембург.

Некои промени веќе можат да се видат, како што е зголемен број на туристи од Дубаи, кои слушнале за Босна и за Сараево и покажуваат се поголем интерес за понуди на таа балканска земја.

Меѓутоа, странските инвеститори се уште се скептични кога е во прашање инвестирањето во БиХ, поради нестабилната политичка состојба, високата стапка на корупција, но пред се, поради бавната и скапа бирократија. Но, сега многумина се надеваат дека „Бурој озон‟ конечно ќе го скрши мразот.

Би можело да ве интересира

Во БиХ е пронајдено девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе

Земјотрес во БиХ, епицентарот во околината на Мостар: „Добро се стресе!“

Извлечени тела на жена и дете од коритото на Миљацка во Сараево

Горан Наумовски

Брисел и даде „зелено светло“ на БиХ за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ

Горан Наумовски

По Црна Гора, земјотресот ја погоди и Босна и Херцеговина

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина