Северноатлантската алијанса е силно посветена на регионот на Западен Балкан, каде го подигнавме нивото на политичко внимание во однос на претходните години, изјави денеска Џејмс Апатурај, заменик-помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика.
Во интервју за порталот „Јуропиан Вестерн Балканс“ тој посочи дека пред десетина дена министерскиот состанок беше посветен на овој регион, кога и беше одлучено дека НАТО е отворено за примање на првата Годишна национална програма од БиХ. Сепак, тој истакна дека тоа во целост зависи од официјално Сараево.
– Кога тоа ќе го направат, ќе имаме повисоко ниво на ангажирање и ќе можеме да ги поддржиме реформите на поактивен начин, истакна Апатурај.
Тој потсети дека и натаму во сила е долгогодишниот услов – сопственоста над воениот имот да биде впишан наместо на ентитетско на ниво на БиХ.
Што се однесува на одлуката на властите во Приштина за основање Војска на Косово, Апатурај потсети дека генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг оцени дека чекорот не е преземен во вистински момент.
– Загрижени сме дека нема да води кон поголема стабилност, туку потенцијално и спротивно на тоа и не е момент за таков чекор. Многу земји ги изразија своите национални погледи, но ова е став на раководството на НАТО, потенцираше Апатурај.
Тој потсети дека КФОР има улога во зачувувањето на „безбедно опкрушување ширум Косово“, согласно Резолуцијата 1244, а НАТО има советодавна улога и веќе одредено време помага во развојот на безбедносни сили на Косово.
– Мислам дека наскоро ќе почнеме дискусија со сојузниците за тоа дали и каков вид поддршка НАТО и натаму ќе нуди, вели високиот функционер на Алијансата.
Тој, исто така, е категоричен за тоа дека КФОР останува во Косово.
– Апсолутно нема дискусија во НАТО за заминување на КФОР, вели Апатурај.
Што се однесува на Србија, тој истакна дека односите на НАТо со таа земја се севкупно добри, потсетувајќи на неодамнешните заеднички вежби за реакција во случај на природни катастрофи „Србија 2018“.
Најголем предизвик во односите меѓу Белград и Алијансата, според него, е јавната дипломатија.
– Јавноста не гледа колку ние заедно правиме и е наведувана од некои политичари да го игнорира она што е постигнато. Жал ми е поради тоа, не мислам дека НАТо треба да им се „продава“ на Србите, но српскиот народ треба да види што сè правиме заедно, појаснува Апатурај во интервјуто за порталот „Јуропиан Вестерн Балканс“.