Анкара: Светот сака да знае кој од врвот го нарача убиството на Кашоги

Од:

Светот се прашува кој од врвот го нарачал убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, изјави денеска портпаролот на турската владејачка партија Омер Челик, јави агенцијата Анадолија.

– Ова не можеше да биде направено без наредба од врвот. Светот сака да знае: Кој од врвот ја даде наредбата, изјави Челик на прес-конференција во Анкара.

Тој исто така рече дека на осомничените за убиството на Кашоги треба да им се суди во турски суд и процесот да го следат меѓународни организации за заштита на човековите права.

Турските власти подготвија барање за екстрадиција на 18 осомничени притворени во Саудиска Арабија, вклучувајќи и тим од 15 членови, кој, според Турција, пристигнал во Истанбул непосредно пред убиството и го извршил.

– Групи за заштита на човековите права од сите реномирани организации, од ОН до ЕУ, да дојдат и да го набљудуваат овој процес, рече Челик и додаде дека тие треба да проценат дали процесот е во согласност со стандардите на меѓународното право.

Турција смета дека на осомничените треба да им се суди во турски суд, затоа што криминалот е извршен на нејзина територија, и покрај тоа што бил извршен во саудиска дипломатска мисија. Ријад инсистира на осомничените да им се суди во Саудиска Арабија.

Челик повтори и дека Турција остро ги осудува неодамнешните изјави на францускиот министер за надворешни работи, кој го критикуваше турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, во врска со водењето на случајот „Кашоги“.

Турскиот претседател во саботата изјави дека Анкара ги споделила тонските снимки поврзани со убиството на Кашоги со Саудиска Арабија, САД, Германија, Франција и Велика Британија.

Во понеделникот, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, изјави дека Франција не ги добила снимките, исто така тврдејќи дека Ердоган „игра политичка игра во врска со случајот.”

Саудискиот новинар Кашоги, колумнист на „Вашингтон пост“, беше убиен на 2 октомври во саудискиот Конзулат во Истанбул.

По неколкунеделно негирање каква било вмешаност, Саудиска Арабија призна дека Кашоги бил убиен во Конзулатот, но наведе дека кралското семејство не знаело за заверата за негово убиство, потсетува Анадолија.

Би можело да ве интересира

Ердоган: Турција ги прекина односите со Израел

Ердоган: Нема објаснување зошто процесот на пристапување на Турција во ЕУ е блокиран со години

Ердоган: САД ги користат терористичките организации на Блискиот Исток за свои интереси

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Турција ги нападна Курдите во Ирак и Сирија во знак на одмазда за терористичкиот напад кај Анкара

Горан Наумовски

Русинка го оставила своето новороденче на аеродромот во Турција: „Не знаев дека сум бремена“

Силен земјотрес ја потресе Турција

Горан Наумовски