По повод Меѓународниот ден на исчезнатите лица, кој се одбележува денеска, организацијата Амнести интернешнл ги повика Србија и Косово да спроведат брза, независна, ефикасна и непристрасна истрага против осомничените за присилни исчезнувања и киднапирања, извршени пред, за време и после оружениот судир во Косово во 1999 година.
Меѓународната организација за заштита на човековите права во својот извештај истакнува дека и 15 години после завршувањето на конфликтот околу 1.700 лица се сметаат за исчезнати.
Амнести наведува дека во Босна и Херцеговина 7.800 лица се водат за исчезнати, а во Хрватска 2000. Нивните семејства се уште чекаат да бидат пронајдени телата на нивните најблиски. Дури и во оние случаи кога телата се пронајдени и вратени на семејствата за да ги погребаат, многу мал број одговорни за киднапирање и исчезнување на луѓе биле изведени пред лицето на правдата.
Иако Србија, Црна Гора и БиХ ја ратификуваа меѓународната Конвенција за заштита на сите лица од насилни исчезнувања, тие допрво треба да ги завршат своите обврски и да им ја кажат вистината на семејствата на исчезнатите за околностите на исчезнувањето, текот и резултатите од истрагата. Хрватска и Македонија ја потпишаа, но се уште не ја ратификуваа Конвенцијата, наведува Амнести.
Организацијата Амнести интернешнл изразува загриженост и ги повикува сите поранешни команданти и политички лидери вмешани во оружените судири да обезбедат целосни информации за локациите на потенцијалните гробници, како и повторно да воспостават протоколи за размена на вакви информации.