Угостителските објекти во Грција уште една седмица ќе работат со ограничено работно време до полноќ, без музика и само со седнати гости, спортските натпревари и понатаму ќе бидат со публика до десет отсто од капацитетот или најмногу 1.000 лица, а 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор ќе продолжат да работат од дома, јави дописничката на МИА од Атина.
Актуелните мерки во Грција воведени на крајот од 2021 година, продолжени се за уште една седмица, нешто што сабајлево го најави и министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, говорејќи за грчката телевизија „ЕРТ“.
Од Министерството за здравство на Грција, попладнево соопштија дека на денешниот состанок на надлежната комисија на епидемиолози биле разгледани епидемиолошките податоци во земјата и едногласно било одлучено, мерките да се продолжат за уште една седмица.
На 30 декември 2021 година беше воведено ограничено работно време до полноќ за угостителските објекти, забрана за музика, забрана за стоење и најмногу шест гости на маса, спортските натпревари се со публика до десет отсто од капацитетот или најмногу 1.000 лица, а 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор работат од дома.
Првично, планирано беше мерките да бидат во сила до 16 јануари, минатата седмица беа продолжени до 23 јануари, а сега се продолжуваат за уште една седмица.
Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 20.107 случаи на Ковид-19, од 361.642 тестови, починаа 88 лица, а 683 пациенти (десет повеќе од вчера) се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците.
Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 1.723.496 случаи на Ковид-19, а починаа 22.285 лица.
Извор: МИА