Судот на Босна и Херцеговина побара распишување меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, откако ја преминале државната граница, а по нив е распишана внатрешна потерница.
Судот на БиХ го доставил барањето за меѓународна потерница до канцеларијата на Интерпол во Сараево, а за да биде ефективна меѓународната потерница мора да биде одобрена од централата во Лион.
Додик ја премина државната граница во понеделникот откако за него беше распишана потерница, со што се отвори можност да биде распишана меѓународна потерница. По краткиот престој во Србија, веднаш замина за Израел, каде што се уште престојува.
Граничната полиција на БиХ истражува како Додик ја преминал границата, со оглед на тоа дека има информации дека делегацијата во ротација го поминала граничниот премин Рача без задолжително застанување.
Ненад Стевандиќ претходно ја мина државната граница, заминувајќи за Србија на денот на големите студентски блокади на 15 март. Тој по неколку дена се врати во БиХ.
Двајцата, заедно со премиерот на РС, Радован Вишковиќ, се осомничени во случајот на Обвинителството на БиХ, кој се однесува на кривичното дело напад на уставниот поредок. Неодамна беше распишана потерница за нивно апсење, но беше оценето дека безбедносниот ризик е преголем за вообичаената постапка на извршување на апсењето.