Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија ќе се бори да ги брани своите интереси, користејќи ги сите расположливи средства. Тој зборуваше на годишната седница на Рускиот совет за човекови права, која се одржа преку видео конференција.
Обраќајќи им се на учесниците на седницата, тој се пожали дека западните организации за човекови права ја гледаат Русија како „земја од втор ред, која воопшто нема право да постои“.
„Тоа е она со што се занимаваме. И можеме да одговориме само на еден начин – со доследна борба за нашите национални интереси. Токму тоа ќе го направиме и никој да не смета на ништо друго. Да, тоа ќе го направиме на различни начини и средства, пред се, секако, ќе се фокусираме на мирен начин, но ако не ни остане ништо друго, ќе се браниме со сите средства што ни стојат на располагање“, рече рускиот претседател.
Во својот јавен говор, тој одговараше на коментар на член на Советот за човекови права кој рече дека украинските сили гранатираат станбени области во регионот Доњецк под руска контрола.
Украина претрпе тешки цивилни жртви во последните десет месеци од војната, но Русија упорно негира дека пукала врз цивили. Путин рече и дека неговата војска најверојатно уште долго ќе се бори во Украина, но и дека во овој момент не гледа причина да мобилизира дополнителни војници.
„Што се однесува до специјалната воена операција, таа, се разбира, може да биде долг процес“, рече тој, а потоа додаде дека „во моментов нема потреба од втор круг мобилизација“ по повикот за 300.000 резервисти во септември и октомври. Од тој број, 150.000 моментално се распоредени во Украина.