Македонскиот познат бренд Завар Дизајн што се занимава со дизајнирани радијатори претпознатливи во Европа и светот ја продолжува својата традиција на учество на Skopje Design Week 2016, настан што започна вчера, а ќе трае до 27ми ноември во дизајн центарот Јавна Соба.
За нивната претпознатливост говори и соработката со парискиот дизајнер Марјан Денков и нивниот неодамнешен заеднички проект преку кој беше уреден луксузен апартман во Париз и опремен со специјално дизајнирани радијатори од Завар Дизајн.
„Во март оваа година премиерно беше промовирана нашата најнова колекција „Art line” на саемот МЦЕ Милано, па затоа истата ќе ја презентираме и на овогодишниот Skopje Design Week. Колекцијата е производ на умешно екпериментирање со нови материјали, нивно комбинирање, како и користење на различни традиционални и современи техники за површинска обработка. Новата колекција е доволна причина да ги поканиме сите оние кои се интересираат во иновации и уникатни производи, да не посетат во Јавна Соба за време на Skopje Design Week“, изјави Марта Наумовска – Грнарова, генерален менаџер на Завар Компани и управител на Завар Дизајн.
За да се задржи уникатноста, секој радијатор од “Art line” колекција е различен и преставен како посебно парче уметност кое е рачно изработено, со висок квалитет и со различна артистичка интерпретација на фигурите добиени преку пресекувања на бескрајната линија од бакарна цевка.
Ова ќе биде шеста година за Skopje Design Week, а идејата на настанот останува иста, на едно место да се донесат и обединат највпечатливите дизајнери и иноватори од светот со шанса и можност тие да ги престават своите иновации, произовди и решенија, како и истовремено да искомуницираат со широката публика, регионално корпоративниот сектор и образовните институции.